Руската компанија Aurus претстави сосема нов луксузен теренец наречен Komendant.
Komandant е дизајниран да обезбеди „беспрекорна удобност при секое патување“ и на тој начин да го понуди луксузот што ги карактеризира Bentley Bentayga и Rolls-Royce Cullinan.
Сличностите со Cullinan се непогрешливи бидејќи Komendant има „мажествена и монументална“ надворешност со масивна решетка на ладилникот со 22 решетки. На страните има LED фарови, како и големи доводи за воздух.
Прозорците се со двојно застаклување, нагласена е линијата на рамената, а се нудат сетови на тркала од 20, 21 и 22 инчи. Други карактеристики вклучуваат квадратни издувни цевки, електронска задна врата и загреана шофершајбна.
Komendant е долг 5.380 mm, широк 2.004 и висок 1.820 mm, додека меѓуоскиното растојание му е 3.100 mm. Според овие бројки, тој е 39 mm подолг од Cullinan, но има пократко меѓуоскино растојание за 195 mm.
Внатрешноста е елегантна и обложена со Nappa кожа, украсена со метални и дрвени детали во различни бои.
Пред возачот има дигитален кластер, како и инфозабавен систем со широк екран со аналоген часовник. Клиентите ќе добијат и четиризонска клима, амбиентално осветлување, држачи за чаши со функции за греење и ладење, како и безжични полначи напред и назад.
Со оглед на тоа дека се работи за ултра луксузен теренец, во задниот дел има две индивидуални седишта со функции за греење, вентилација и масажа. Нив ги дели широка централна конзола со маси кои се извлекуваат, а има и минибар со фрижидер. Теренецот има и двоен екран за системот за забава и многу повеќе.
Клиентите можат да изберат боја по свој избор, натписи на плочите на праговите, додатоци за специјална опрема и слично.
Komendant е придвижуван од 4,4-литарски V8 твин-турбо мотор со хибридна технологија, кој развива 590 КС и 880 Nm вртежен момент. Спарен е со деветстепен автоматски менувач и стандарден погон на четири тркала. 3.235 kg SUV забрзува од 0 до 100 km/h за 6,5 секунди пред да достигне максимална брзина од 220 km/h. И покрај хибридниот погон, тоа е „жедно чудовиште“ чија комбинирана потрошувачка на гориво е 18,5 литри на 100 поминати километри.
Да речеме и дека е опремен со адаптивна воздушна суспензија која обезбедува до 260 mm растојание од земјата. Возачот има на располагање head-up дисплеј, како и систем за камера и напредни системи за помош на возачот.
Цената е 592.484 евра.