Xiaomi го претркаа Tesla со откривање на прототип на целосно функционален хуманоиден робот.
Станува збор за робот наречен Xiaomi CyberOne, кој е висок 177 cm и тежок 52 kg, а прекарот му е Metal Bro. Тој дури има и хороскопски знак, а тоа е лав.
За време на презентацијата, Metal Bro прошета низ сцената и му подари цвет на извршниот директор на Xiaomi, Леи Јун. Потоа позираше за селфи со човекот одговорен за неговото постоење. На крајот, роботот излезе од сцената.
CyberOne е вториот производ од Xiaomi Robotics Lab откако го видовме роботското куче CyberDog во август минатата година. Хуманоидната машина има лице во форма на заоблен OLED панел, го гледа светот во 3D формат и може да „слуша“ благодарение на два микрофони и да идентификува „85 видови звуци во околината и 45 класификации на човечки емоции“. Неговото тело се состои од 13 зглобови, неговите движења се прецизни, но сепак не толку агилни како роботот Atlac од Boston Dynamics.
Сегашната цена на роботот е помеѓу 89.000 и 104.000 долари, а на компанијата ќе и треба повеќе време за да го подготви Metal Bro за масовно производство. Xiaomi исто така планира да додаде нови можности на својот прв хуманоиден робот.