Ги видовме сликите, сега го гледаме пред нас. Во салонот на Порше Македонија пристигна новиот и комплетно електричен Porsche Taycan.
Први впечатоци: како ништо што досега сме виделе на патот, но сепак ненаметливо присуство. Taycan е првото електрично возило на Porsche, кое е краен резултат на концептот Mission E, кој беше претставен во 2015 година. Очекувањата од Taycan се големи, затоа што во него се гледа иднината на спортскиот автомобил.
Изгледот потврдува. Инженерите на Porsche го имаат дизајнирано Taycan да биде максимално ефикасен во справувањето на воздушниот отпор, да канализира воздух низ предните отвори преку каналите за ладење на батеријата и системот за сопирање и да постигува доволен „downforce“ на задната оска за стабилност во свиоците. Крајниот резултат е најаеродинамичното Porsche на сите времиња, со коефициент на воздушен отпор од 0,22 и целокупен изглед кој делува како возило кое е пратено од иднината.
Пред нас e Turbo верзијата на Taycan, која има 2 електромотори, по еден на секоја оска, кои заедно развиваат 670 коњски сили. Taycan има менувач, за разлика од сите останати електрични возила, кој е двобрзински, поставен на задната оска и работи само за задниот електромотор, а неговата задача е да го лансира Taycan за декларирани 2,7 секунди до 100 километри на час. Батериите се со капацитет од 94 kWh, доволни за досег до 450 километри.
Внатрешноста на Taycan на прв поглед е речиси идентична со новата генерација на 911. Но, тој впечаток останува таков сè дoдека не го притиснете копчето за контакт. Три големи екрани, еден лоциран на местото на класичната инструмент табла, која сега е заменета со комплетно дигитален систем од 11 инчи и 2 екрани на централната конзола. Класичните копчиња за команди се заменети со команди на допир одлично интегрирани на екранот во фокусот на возачот, а во него се поставени контролите за светлата, мултимедијата, навигацијата и речиси сите останати функции на возилото. Класичниот селектор на режим на возење останува поставен на воланот, каде што и припаѓа, а прегледноста на централната конзола е одлична за ракување, јасно и видливо ги прикажува сите информации, иако е поставена под кровот кој е целосно стаклен.
Позицијата на седење е идентична како кај 911, што значи перфектна. Во задниот дел, инженерите на Porsche ги имаат поставено батериите под самите седишта, како просторот за нозе би бил максимално искористен за удобноста на патниците.
Со лансирањето на Taycan, Porsche ги успокојува сите љубители на спортските возила и скепцити на неизбежниот премин од возила со мотор со внатрешно согорување кон возила на електричен погон. Иднината нема да биде досадна, таа ќе биде електрична!