Човекот кој беше прогласен за најбрзиот спринтер на планетата, а од скоро влезе во фудбалските води, Усаин Болт, со два постигнати гола за тимот каде е на проба, Central Coast Mariners, ќе добие свое место во надградбата на FIFA 19.
Тој се повлече од атлетиката во 2017 година. Неговата кариера беше исполнета со трофеи и рекорди. Поставуваше рекорди на спринтерските трки на 100 метри, а освои и 8 златни олимписки медали. Минатата година изрази желба дека сака да стане професионален фудбалер, и во периодот наназад имаше шанса да тренира со Борусија од Дортмунд, а доби и понуда за двегодишен договор да игра за Валета од Малта, но го одби. Во моментов е на проба во австралискиот клуб Central Coast Mariners, и за нив постигна два гола.
Иако неговата иднина во Central Coast Mariners сè уште не е дефинирана, од EA Sports, креаторите на играта FIFA потврдија дека Усаин Болт ќе се најде во надградбата на новата верзија на FIFA 19.
“Ако Усаин Болт потпише официјален договор со Central Coast Mariners автоматски ќе биде додаден и зимски апдејт на играта, но ако не потпише ќе биде додаден како слободен играч. И секако ќе биде најбрзиот слободен играч во играта”, изјавија од EA Sports.
Во моментов во играта најбрзиот играч е фудбалерот на Wolverhampton – Adama Traore со оцена 96, додека веднаш по него е членот на PSG – Kylian Mbappe со оцена 95.