Платини: “Никогаш не била полесна одлуката кој треба да ја добие Златната топка”

Поранешниот претседател на УЕФА Мајкл Платини, вчера изјави дека верува дека играчот на одбраната на Реал Мадрид и Франција Рафаел Варан, заслужува да ја добие овогодинешната Златна топка. Како причина го наведе тоа што Варан е единствениот играч кој ги освои и Светскиот куп и Лигата на шампионите минатата сезона.

“Никогаш не била полесна одлуката кој треба да ја добие Златната топка”, рече Платини, кој и самиот ја доби оваа награда во 1985 година. “Има само еден играч кој го освои и Европскиот куп и Светскиот куп (…) Се разбира, има дебата дали тоа треба да биде Роналдо или Меси, но оваа година само еден играч го освои сето тоа. Неговото име е Варан, а покрај тоа, тој е и одличен играч”, рече Платини за француското RMC радио.

Според него, резултатите се единствениот објективен фактор. Тој понатаму изјави дека некои можеби мислат дека Мбапе или Гризман ја заслужуваат престижната награда, но единствениот кој ги освоил двата најважни натпревари е Варан.

Рафаел Варан е еден од триесетте кандидати за наградата Златна топка за оваа година, а добитникот ќе биде соопштен на гала церемонија на 3 декември. Меѓу другите кандидати за ова признание се и Нејмар, Иско Аларкон, Серхио Рамос, Луис Суарез, Кевин де Брин и Марио Манџукиќ.

На листата на кандидати се наоѓаат и Лионел Меси и Кристијано Роналдо, кои изминатите десет години по ред ја добиваа оваа награда (Меси во 2009, 2010, 2011, 2012 и 2015 година, а Роналдо во 2008, 2013, 2014, 2016 и 2017 година).

Меѓутоа, по прогласувањето на Лука Модриќ за најдобар играч на годината од ФИФА, тој стана фаворит за добивањето на Златната топка оваа година, што ако се оствари, ќе стави крај на децениската доминација на Роналдо и на Меси. Модриќ за Реал Мадрид ја имаше најдобрата сезона во неговата досегашна кариера, освојувајќи ја трет пат по ред Лигата на шампионите и играјќи огромна улога во носењето на Хрватска во финалето на Светскиот куп во Русија.

Претходна Седум нови дисциплини на Зимските олимписки игри во Пекинг 2022 година
Следна Новиот Golf R RLMS од тјунинг компанијата APR

Награден напис

Мундијалот заврши за дефанзивецот на Баерн

Лукас Ернандез го заврши настапот на Светското првенство во Катар, откако се здоби со повреда …

Стадион на СП со капацитет од 40.000 седишта беше речиси полупразен, а евидентирано е дека има 42.000 луѓе

Холандија вчера го совлада Сенегал со резултат 2:0 во првото коло на Мундијалот, а по …

Don`t copy text!