Интензивната романтична љубов делува исто како дрогата, тврдат научници кои откриле дека љубовните емоции можат да ја олеснат болката исто како и морфиумот.
Во истражувањето на американските научници учествувале 15 волонтери кои биле во рана фаза на страстна љубовна врска. На волонтерите им биле покажувани фотографии од нивните партнери додека преку диоди на дланките им била пуштана струја која предзвикува блага болка. Во исто време им бил скениран мозокот со магнетна резонанца.
Студијата покажала дека љубовните чувства, поттикнати со гледање фотографии на кои е саканата личност, делуваат еднакво силно како и таблета против болки. Истиот ефект не бил забележан кога волонтерите гледале фотографии од непознати, но привлечни лица од спротивниот пол.
Како што известуваат научниците, истражувањето покажало дека ефектот од љубовта може да се спореди со ефектите од морфиум или од кокаин.
“Кога луѓето се во таа страстна фаза во врската, постојат очигледни промени во нивното расположение кои имаат влијание на нивното искуство со болката”, изјави д-р Шон Меки од Универзитетот Стенфорд во Калифорнија, кој го водел истражувањето.
Тој истакнува дека научниците го спровеле истражувањето на испитаници кои биле во рана фаза на љубовната врска, со оглед на тоа дека еуфоричните луѓе енергично и опсесивно размислуваат за партнерот.
“Кога љубовта е ваква каква што ја опишавме, страстна, енергична и силна, тоа на некој начин звучи како зависност”, вели Меки за Дејли Телеграф. Тој нагласува дека љубовните чувства се поврзани со центарот во мозoкот кој е задолжен за наградување, а на тој дел во мозокот делуваат и некои лекови и наркотици.
Во истражувањето се покажало и дека болката може да се намали и ако пациентот размислува за нешто друго, а не за болката која ја осеќа.