Ако не можете да го замислите денот без да каснете чоколадо, не мора да се чувствувате виновни поради тоа. Истражувањата покажуваат дека една коцка од ова слатко задоволство е добра за срцето и се смета за природен аспирин.
Оваа вкусна намирница ја подобрува работата на крвните садови. Но, ова не важи за сите видови чоколадо. Ефективни се само оние видови што се богати со одредена молекула која спаѓа во редот на флавоноидите, а ја има во какаото. Научниците велат дека би било сосема во ред, дури и се препорачува да се јадат 46 грама чоколадо дневно, што би било половина чоколадо. Оваа количина од омилениот производ на сите генерации, збогатена со флавонол, е исклучително добра за одржување на еластичноста на ѕидовите на артериите.
Дека чоколадото има ефект на аспирин потврдуваат и резултати од претходни студии, кои ја нагласуваат важноста на улогата на оваа храна во одржувањето на добрата циркулација на крвта. Истражувачите го нарекоа чоколадото „природен аспирин“ поради сличното дејство врз крвните зрнца. Исто така, внесувањето какао е корисно за да се избегне формирање на згрутчување на крвта, што е опасно за човечкиот живот. Освен во чоколадото, големи количини на флавоноли има и во намирници како овошјето и зеленчукот, но и во црвеното вино.
Меѓутоа, не претерувајте, затоа што чоколадото сепак се прави од масни материи, а неговата калориска вредност е многу висока. Иако е масна киселина, може да помогне во намалувањето на холестеролот, но, се разбира, само доколку се зема во препорачаните количини. Во спротивно може да има контраефект.