Ford ја претстави својата нова технологија на фарови која не само што ја извршува стандардната функција, туку и многу повеќе.
Oldsmobile Cutlass Supreme беше првиот сериски автомобил кој имаше head-up дисплеј уште во 1988 година, а во изминатите децении HUD еволуираше и стана многу поголем. На пример, Lexus LS има 24-инчна проекција. Денешниот HUD е приспособлив, обезбедува многу информации во висока резолуција, а некои производители најдоа начин да го задржат погледот на возачот на патот постојано.
Mercedes го направи ова со опционална технологија Digital Light за S-Class пред неколку години, а сега Ford има слична технологија. Оваа компанија развива „фарови со висока резолуција“ кои, покрај брилијантното осветлување на патот, служат и за проектирање на знаци, вклучувајќи навигација, ограничувања на брзината и информации за времето. Сето ова се прикажува на патот директно во видното поле на возачот.
Технологијата беше развиена и за да им помогне на другите учесници во сообраќајот. Пример се ознаките на пешачки премини кои често бледнеат и стануваат нејасно видливи, технологијата на Ford го решава тој проблем и проектира пешачки премин на патот. Дополнително, новите фарови можат да ја осветлат и да ја истакнат патеката за возачот безбедно да го помине велосипедистот.
Во иднина светлата би можеле да се поврзат со инфозабавниот систем и да ги предупредуваат возачите за лизгави патишта, врнежи од снег, мраз на патот, магла и слично. Ако возачот користи навигација за да пристигне до дестинацијата, насоките за вртење ќе се прикажат на патот. Со оглед на фактот дека автомобилите стануваат се поголеми, би било корисно светлата да ја проектираат ширината на возилото за да може возачот да утврди дали паркинг просторот е доволен за неговото возило.
Кога Ford ќе почне да ја вградува својата технологија во сериските автомобили се уште не е познато, но дефинитивно доаѓа време кога оваа технологија нема да биде резервирана само за луксузни автомобили.