Откако неодговорни туристи пливаа во каналите, вандализираа имот и позираа топлес, јавноста и претставниците на Венеција беа шокирани од луѓе кои решија да сурфаат.
Сурферите беа снимени во средата во Венеција додека сурфаат на eFoils, или електрични табли, на Венецијанскиот Голем канал.
Големиот канал не само што е под заштита на УНЕСКО заедно со околните згради, туку е и главниот „сообраќај“ на Венеција.
На видеото се гледа како сурферите избегнуваат вапорето (воден автобус) и такси под мостот Риалто, а поминале и покрај базиликата Салуто, една од најпознатите венецијански градби.
Кога поминале под мостот Академија, еден сурфер паднал од даската, но продолжил да го снима својот пријател.
Видеото од сурферот на Твитер го објави градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро, кој напиша дека „двајца препотентни идиоти го исмеваа градот“. Тој исто така понудил бесплатна вечера на секој кој ќе помогне да се идентификува сурферот.
Недолго потоа повторно се огласи и потврди дека сурферите се пронајдени, одземени се даските за сурфање вредни околу 25.000 евра, а сурферите се казнети со по 1.500 евра. После тоа, тие биле протерани од градот.
Градските власти покренаа постапка и против сурферите поради оштетување на имиџот на Венеција.
Венеција не е единственото место во Италија каде туристите се однесуваат лошо ова лето. Претходно, тие се возеа по Шпанските скали во Рим и се возеа со скутер низ Помпеја.