Сообраќајната бучава е штетна за здравјето

  •  

Истражувачите кои работат за BioMed Central, во своето списание Environmental Health ги објавија последните истражувања кои укажуваат дека луѓето кои се долго изложени на сообраќајна бучава, имаат поголема веројатност да развијат хипертензија.

Во студијата која го проучувала влијанието кое бучните сообраќајници го имаат врз животот, учествувале и научници од шведската Универзитетска болница Лунд. Во нивниот извештај, тие нагласуваат дека сообраќајот е најважниот извор на бучава кој го произведува современото општество.

Истражувањето заклучило дека, освен добро познатото влијание на слухот, бучавата влијае и на промените во крвниот притисок, на работата на срцето и на нивото на хормонот на стрес. Во однос на крвниот притисок, утврдено е дека изложеноста на бучава над 60 dB се доведува во врска со хипертензијата кај релативно младата и средовечна популација, што долгорочно повеќекратно го зголемува ризикот од развивање на кардиоваскуларни заболувања.

Во истражувањето биле поврзани податоците за здравствената состојба со близината на живеалиштата до бучните улици, а биле опфатени нешто помалку од 28ооо луѓе од југот на Шведска. Кај сите возрасни групи е забележано умерено влијание на сообраќајната бучава до 60 dB врз здравјето, а кај посилната бука утврдени се изразени проблеми исклучиво кај младите и кај средовечните лица. Кај постарите од 60 години не е забележано поизразено влијание по здравјето.

На научниците сè уште не им е доволно јасно зашто бучавата не влијае и на постарите лица, но сметаат дека се работи за “поголемата толеранција на бучава” која ја развиле во текот на животот. Како можност се споменува релативно малото влијание што го има буката врз општата здравствена слика на постарата популација, но предупредуваат дека речиси 30% од жителите на Европската унија деноноќно се изложени на сообраќајна бучава повисока од 55 dB, и нивниот број е во постојан пораст.

traffic jams in the city, road, rush hour
Копирањето на содржината е забрането!