Додека повеќето луѓе се сеќаваат на дизајнот на Саша Махтиг и црвеното здание К67 кога ќе помислат на киоск во југословенската ера, често заборавената верзија е онаа на македонскиот архитект Александар Никуљски, која се викаше KC-190.
На страницата на Инстаграм „База на податоци за споменици“, која ја истражува историјата и фотографиите на апстрактните споменици и модернистичката архитектура на регионот на поранешна Југославија, објавени се фотографии од моделот на модуларен киоск KC-190.
Во текстот што ги придружува фотографиите се наведува дека кога станува збор за повеќенаменски модуларен киоск од југословенската ера, најголемо внимание и фокус најчесто оди кај неговиот зачетник, словенечкиот дизајнер Саша Ј. Махтиг.
Сепак, постои и „помалку позната“ верзија на KC-190 дизајнирана од Александар Никуљски.
„Заборавена фигура која исто така многу придонесе за нивното иконично наследство беше македонскиот дизајнер и архитект Александар Никуљски (иако понекогаш се нарекува „Никољски“), кој дополнително го истражуваше концептот на модуларни киосци, создавајќи неколку дополнителни варијанти и стилови во текот на 1970-тите и 80-тите, како моделот KC-190, кој може да се види на неодамнешните фотографии од Крагуевац, кој е обоен во светли нијанси слични на тоа како се обоени киосците K67 на Mächtig“, пишува на страницата.
Моделите KC-190 се создадени од производителот на ПВЦ „Треска Полипласт“ во Струга, Македонија, а киосците Никуљски беа распространети низ Југославија, како и во поголемиот дел од Источна Европа, а многумина и денес можат да се најдат низ регионот.
Попознатиот модел К67 или „црвена кутија“, минатата година дури беше дел од инсталацијата во рамките на проектот „Times Square Transmissions 2021“ во Њујорк и се користеше како диџејски штанд за пуштање музика.