Според информациите на BBC, Сан Франциско ќе биде првиот американски град што ќе го забрани користењето на е-цигарите сè додека не се утврди нивната штетност по здравјето на луѓето.
Претставници на власта изгласаа забрана за продажба на е-цигари во продавниците, но, исто така, им забранија и на доставувачите да вршат достава на е-цигари купени на интернет. Во овој град се наоѓа седиштето на еден од најголемите производители на е-цигари Juul Labs, кој држи 70 % од пазарот со испарувачки цигари во САД.
Поттикнати од решението на властите во Сан Франциско, менаџментот на Juul Labs излегоа со изјава дека овој чекор ќе направи корисниците на е-цигари да се вратат на класичните цигари и тутун, а ќе предизвика и создавање на “црн пазар”.
Градоначалничката на Сан Франциско Лондон Брид, има 10 дена да го потпише указот, а според изјавите што ги дава – тоа дефинитивно ќе го направи. По потпишувањето, законот ќе стапи на сила во рок од 7 месеци.
Активистите кои се борат против користењето на е-цигари велат дека ова мора да се направи за да се заштитат младите луѓе кои се на удар на производителите, нудејќи им најразлични вкусови кои се штетни за здравјето и дека е потребна посеопфатна анализа за влијанието врз младите, но и генерално влијанието на човекот.
Од американскиот Центар за контрола и превенција на болести велат дека сè поголем број на млади почнуваат да користат никотин и дека тој број пораснал за 36 % минатата година, а тоа го поврзуваат со зголемената употреба на е-цигарите.
Според федералниот закон на САД, лица помали од 18 години не смеат да купуваат цигари, а во некои држави законот е поригорозен и таа граница е качена на 21 година.