Русија претходно објави дека ја напушта Меѓународната вселенска станица (ISS), а сега нејзината вселенска агенција Роскосмос откри како ќе изгледа нивната станица со откривање на нејзин модел.
Станува збор за руската вселенска станица наречена ROSS, која ќе биде лансирана во две фази почнувајќи со четири модули, а станицата ќе биде проширена на вкупно шест модули со сервисна платформа. Дизајнот овозможува сместување на четири лица, а станицата, наводно, ќе понуди подобри способности за следење на Земјата во споредба со условите што Русија во моментов ги има на ISS.
Сè уште нема детали, вклучително и датуми, но државните медиуми тврдат дека првото лансирање ќе се случи помеѓу 2025 и 2030 година, а второто помеѓу 2030 и 2035 година. Тоа значи дека би можело да помине долго време помеѓу кога Русија ќе ја напушти ISS во 2024 година и можноста за користење на функционална замена.
Роскосмос во јули објави дека ја напушта ISS како одговор на западните санкции и другите мерки наметнати поради нападот врз Украина во февруари. Така, 2024 година ќе го означи крајот на две децении американско-руско присуство на ISS. Русија планира да ги исполни своите обврски до 2024 година, па дури има договор за размена на места на летовите со САД.
Недостигот на сопствена станица на Русија ја ограничува можноста за набљудување на Земјата, како и истражување со ниска гравитација. Тоа е и прашање на национална гордост бидејќи Русија ја напушти својата станица Мир во 2001 година. РОСС не само што ќе и помогне на Русија да продолжи таму каде што застана, туку ќе претставува плод на претходните напори.