Европскиот вселенски телескоп Еуклид денеска ги објави своите први снимки, откривајќи блескава маглина во облик на глава на коњ, како и далечни галаксии кои досега не биле видени.
Во јули, Еуклид тргна на својата прва мисија за проучување на космичките мистерии на темната материја и темната енергија.
Телескопот, кој се наоѓа на околу 1,5 милиони километри од Земјата, има задача да мапира третина од универзумот, кој вклучува околу две милијарди галаксии.
Еуклид денеска почна да ги испраќа првите набљудувања од вселената, се вели во соопштението на Европскиот оперативен центар во Дармштад, Германија.
„Неверојатни и инспиративни слики кои не потсетуваат зошто е неопходно да се оди во вселената за да дознаеме повеќе за мистериите на универзумот“, изјави шефот на Европската вселенска агенција (ESA), Јозеф Ашбахер.
Меѓу фотографиите има слика од маглината Коњска глава, во блиското соѕвездие Орион, како и слики од спирални галаксии.
Специјалноста на Еуклид е тоа што има широко видно поле „никогаш невидено во историјата на астрономијата“, велат научниците.
Благодарение на овој широк поглед, телескопот, опремен со два уреди (оптички и блиску инфрацрвен), може да сними такви огромни слики со висока резолуција.
ЕСА го опишува Еуклид како свој „детектив од темната страна“, задолжен да истражи зошто 95 отсто од космосот се чини дека се состои од темна материја и темна енергија, за која речиси ништо не се знае.
Следните слики ќе бидат објавени во јануари.
Европската мисија ќе трае најмалку до 2029 година.