Нов дизајн и нова технологија за шкода суперб: три и пол години по лансирањето на третата генерација, знаменосецот на чешкиот бренд е сеопфатно модернизиран. Уште повеќе, врвниот модел на шкода за прв пат е достапен како суперб скаут, а до крајот на годината ќе биде воведен и хибриден суперб iV. Технолошкиот напредок, како што се лед предните светла со матрица и уште поширок спектар на иновативни системи за помош, го прават шкода суперб еден од најбезбедните и најудобните автомобили во својот сегмент. Во однос на просторноста, тој претставува репер за автомобилите во класата.
Шкода дополнително го подобри суперб и суперб комби, ажурирајќи го својот предводник со нови технологии и уште пософистициран ентериер. Во пролетта 2019 година, третата генерација суперб која беше воведена во 2015 година, ја надмина бројката на произведени 500 000 единици. Суперб комби учествува со околу 54 % од моделот суперб продадени во Европа.
Шкода суперб постигнува значаен успех во класата, уживајќи во широка база на клиенти благодарение на многуте паметни решенија и придобивки кои ги нуди моделот. Она што семејствата најмногу го сакаат кај шкода суперб е неговата просторност, разновидност и исклучителна вредност за парите. Новиот суперб скаут допира до клиентите фокусирани на мултифункционалност и модерен начин на живот, а во исто време привлекува и нови групи купувачи.
Целосните лед матрикс светла за прв пат се достапни во понудата кај суперб. Опционалните лед задни светла сега вклучуваат и динамични индикатори. Новите системи за помош, како што се адаптивниот темпомат и системот за странична помош – која работи на оддалеченост од 70 метри – го зголемуваат високото ниво на безбедност на семејството суперб уште повеќе. Помошта при итни случаи, системот за следење на коловозна лента и “Front Assist” системот за итно сопирање со предвидлива заштита на пешаците, исто така, се нови технологии во понудата.
Следејќи ги стапките на оригиналниот суперб, кој беше произведен помеѓу 1934 и 1949 година, ерата на современиот суперб започна во 2001 година и продолжи до 2008 година со својата втора генерација. Третата генерација го имаше своето деби во 2015 година; шкода достигна до продажба на еден милион возила суперб произведени ширум светот, во април 2017 година.