Објавени се неверојатни снимки од остатоците на американски воен брод од Првата светска војна, откако тој беше снимен на длабочина од повеќе од 100 метри од Корнвол, Англија, и пронајден од англиски нуркачи.
Станува збор за остатоците од бродот УСС Џејкоб Џонс, кој е пронајден 105 години по потонувањето. Тогаш загинаа 66 членови на екипажот, а бродот потона откако беше погоден од торпедо од германска подморница на 6 декември 1917 година.

Дом Робинсон беше дел од Team Darkstar и рече дека пронаоѓањето на руина како оваа е „сон на секој нуркач“.
УСС Џејкоб Џонс се наоѓа на длабочина од нешто повеќе од 100 метри, а е пронајден на 11 август. Некои од неговите делови се сè уште недопрени, како што се ѕвоното, котелот и цевките за торпедо.
Робинсон рече дека тимот го планирал патувањето повеќе од една година, а сега се разговара и со американската амбасада што ќе се случува во следниот период.
„Откривањето на бродот и посмртните останки на оние кои загинаа пред повеќе од еден век е во срцето на американската Комисија за споменици, која сака да ги зачува спомените на нашите исчезнати, како и нивното наследство. Дури и по 100 години, не заборавивме дека се жртвуваа за слободата“, се вели во соопштението од гореспоменатата комисија.