На што треба да внимавате ако имате куче

  •  

Ако сте сопственик на куче, сигурно сакате вашиот миленик да биде здрав, среќен и долго да живее. Но, понекогаш правиме работи кои можат да ги доведат во опасност крзнените членови на нашето семејство без да бидеме свесни за тоа. Кучињата се љубопитни авантуристи кои често се однесуваат како деца, што понекогаш може да ги доведе до неволја. За да им обезбедите здрав и безбеден живот на вашите миленици, издвоивме неколку работи на кои треба да обрнете внимание.
Изборот на ремен е од огромна важност. Најпрво мора да решите каков тип на ремен ќе користите, од каков материјал, која ширина и сл. Оваа одлука зависи од самото куче. Ако е куче кое сака да истражува и да ве влече додека шетате, тогаш е подобро да одберете ремче кое нема да го гуши и да му се засекува во вратот.
Потоа, треба да одберете соодветна величина. Ако поводникот е премногу лабав кучето може да се извлече од него и да избега, а ако е премногу стегнат нема да може нормално да диши. Идеалното ремче остава простор за да протнете еден прст помеѓу ремчето и вратот на кучето ако е од помал или среден раст, и 2 прста кај поголемите раси на кучиња.
Не го оставајте кучето во автомобилот. Кучето никогаш не треба да го оставате само во автомобилот. Истражувањата покажуваат дека температурата во автомобилот може да се зголеми за 20 степени за само 10 минути, дури и ако сте паркирани под сенка. Кучињата не се потат како луѓето па може да дојде до прегревање кое може да има кобни последици.

Редовно прегледувајте ги забите на вашиот миленик. Кучињата имаат заби кои мора да бидат одржувани како нашите. Се препорачува четкање на забите со посебна четкица и препарати, на што кучето треба да го навикнете уште од малечко. Некои сметаат дека стапчињата за чистење заби го заменуваат четкањето, но тие не можат добро да ги исчистат сите заби.
Малото кутре не го носете во парк за миленици. Кучињата се многу друштвени, но малечкото кутре не треба да го носите во парк заедно со возрасните кучиња. Кучињата можат да бидат пасивни носители на различни болести. Возрасните кучиња, посебно крупните раси, можат да бидат многу груби во играњето и трчањето, што може да го уплаши и повреди вашето кутре.
Никако немојте физички да го казнувате. Кучињата треба да ги дисциплинирате, но не со физичко казнување. Тоа е злоставување на животното, а истражувањата покажале дека таквото однесување нема да донесе посакувани резултати. Дисциплинирањето кое се темели на наградување е многу поефикасно отколку казнувањето. Постојат и дресери на кучиња кои кучето постепено ќе го социјализираат и научат на дисциплина.
Не попуштајте кога се работи за храната. Никогаш не го хранете вашето куче со храна за луѓе. Таа е најчесто пресолена, презачинета и премногу масна за вашиот миленик. Всушност, голем број намирници се многу опасни па дури и отровни за кучињата (чоколадо, компир, млеко и млечни производи, јаткасти плодови, ферментирани производи, алкохол, лук и кромид, живо месо и живи јајца, слатка храна и напитоци, намирници од тесто, кафе и кофеински пијалаци…). Консултирајте се со ветеринар кои намирници смеете да му ги давате на вашето куче.

Редовно заштитувајте ги од буви и крлежи. Ако сте решиле да чувате куче, треба да бидете свесни за обврските кои ќе ги имате кон него. Редовно прегледувајте го кучето да не има буви и крлежи, а во топлите месеци заштитете го од штетници со препарати кои се специјализирани за таа намена.
Сокријте ги штетните предмети. Кучињата сакаат да истражуваат и лесно можат да се најдат во неволја. Адаптирајте го својот дом на миленикот и сокријте ги лековите, батериите, чорапите и останатите предмети кои вашето куче би можело да ги оштети или проголта.

Копирањето на содржината е забрането!