Пасивниот начин на живот станува глобален проблем. Недоволната физичка активност е една од десетте водечки причини за смрт, болест и инвалидитет. Околу два милиона луѓе умираат секоја година како резултат на физичка неактивност. Кои се најголемите митови поврзани со физичката активност?
- Вежбањето е скапо, потребна е опрема, специјална облека и плаќање членарина. Неточно! Може да бидете физички активни речиси секаде и не ви е потребна посебна опрема за тоа. Пешачењето е најпрактикуваната и најчесто советуваната физичка активност, а е потполно бесплатно. Повеќето урбани средини имаат паркови и пешачки зони идеални за пешачење, трчање и играње. Не е неопходно да одите во теретана, базен или други посебни објекти за да бидете физички активни.
- Вежбањето одзема многу време. Неточно! Доволни се 30 минути умерена физичка активност дневно за да го подобриме и зачуваме здравјето. Не мора да издвојуваме посебно време, физичката активност можеме да ја вклучиме во секојдневните активности: на работа, на училиште, дома.
- Нема потреба да се трошат време и пари на спортување за децата, тие по природа се доволно активни. Неточно! Истражувањата покажуваат дека децата ширум светот се сè помалку физички активни и преферираат слободното време да го поминуваат пред телевизор или компјутер наместо да се занимаваат со редовна физичка активност. Недоволната физичка активност кај децата може да има здравствени последици во нивниот подоцнежен живот.
- Физичката активност е за помлади, на мои години не треба да се заморувам со тоа. Неточно! Никогаш не е доцна да бидете физички активни, редовната физичка активност може да го подобри квалитетот на животот на која било возраст. Активниот начин на живот за постарите луѓе обезбедува одржување на социјалните врски и помага да се развие самодоверба и самопочитување – особини кои се основа за ментална благосостојба. Подобрената флексибилност, рамнотежа и тонус на мускулите помагаат да се спречат падови, кои се главни причини за инвалидитет кај постарите лица. Во земјите ширум светот помеѓу 60 и 85 отсто од возрасните не се доволно активни за да го подобрат своето здравје.
- Вклучувањето во физичка активност е неопходно само во високо развиените земји. Неточно! Седечкиот начин на живот стана глобален здравствен проблем. Недоволната физичка активност е една од десетте водечки причини за смрт, болест и инвалидитет. Околу 2 милиона луѓе годишно умираат како резултат на физичка неактивност. Брзото ширење на градовите во развиените земји, метежот, сиромаштијата, сообраќајот, загадениот воздух, недостатокот на паркови, пешачки зони, простор за спорт и рекреација, го отежнуваат пристапот до физичката активност. Седентарниот начин на живот станува сè попопуларен во неразвиените и земјите во развој, а последиците од тоа се зголемена инциденца на дебелина, дијабетес и кардиоваскуларни болести. Покрај борбата против заразните болести, овие земји ќе треба да се соочат и со товарот на масовните незаразни болести. Физичката активност е ефикасен и одржлив начин за подобрување на здравјето на која било возраст.