Кавгите околу децата, сексот, свекрвата, тештата, не мора задолжително да водат кон развод.
Во сите, па дури и во најздравите врски има караници, но тие сами по себе не можат да се сметаат за знак кој укажува на можен развод во иднина. Но истражување спроведено на Универзитетот Канзас Сити на примерок поголем од 4500 парови, покажало дека причината за караниците може да биде показател за можен развод.
Авторите на истражувањето откриле дека расправиите околу пари се најсигурен сигнал дека следува развод. Тие лежат во основата на најлошите кавги во врската и се најдобар предиктор за развод. Независно од тоа кога е склучен бракот, кој колку заработува или колкав имот имаат партнерите, кавгите за финансиски прашања се случуваат на сите нивоа.
По ваквите караници партнерите потешко закрепнуваат отколку поради кој било друг предмет за расправија. Овие караници се поинтензивни, партнерите користат погруб речник кога се обраќаат еден на друг и лутината подолго им трае. Заради сето тоа се намалува задоволството од врската, негативно влијае на децата и го зголемува стресот кај двајцата партнери кои почнуваат да размислуваат краткорочно и не ја планираат иднината.