Научниците неодамна пронајдоа огромен кратер на дното на Атлантскиот Океан, создаден од удар на астероид. Го нарекоа Кратер Надир, а она што најмногу ги воодушеви е времето кога се урнал на Земјата.
Научниците веруваат дека Надир би можел да се поврзе со астероидот кој ги убил диносаурусите.
Генерално се смета дека диносаурусите изумреле поради еден удар на астероид, но студијата вели дека астероидот не дошол сам на Земјата. Наодите од студијата, објавени во списанието Science Advances, покажуваат дека спорниот голем астероид можеби удрил во Земјата пред приближно 66 милиони години во Атлантикот.
Колку бил голем?
Ударот се случил во исто време со кратерот Чиксулуб, кој бил создаден од астероидот што исто така се верува дека ги убил диносаурусите. Можно е да бил дел од јато од астероиди или да е создаден со распаѓање на еден астероид.
Кратерот Надир бил откриен сосема случајно, кога геологот Уисдеан Николсон ги проучувал сеизмичките податоци во областа. Кратерот е долг повеќе од осум километри и се наоѓа на околу 400 километри од брегот на Западна Африка.
Научниците спроведоа и симулации на ударот на овој астероид и дојдоа до неверојатен заклучок. Имено, научниците веруваат дека овој астероид бил со големина од околу 400 метри и ударот на таков астероид може да предизвика земјотреси со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала и може да создаде цунами висок повеќе од 900 метри.
Многу помалку деструктивен од најголемиот
За споредба, ерупцијата Хунга Тонга-Хунга Хаапаи од 2022 година во Тонга беше најмоќната вулканска ерупција од ерупцијата на Кракатаа во 1883 година, но овој удар на астероид би бил илјада пати посилен.
Ударот на таков астероид би бил разурнувачки, но повторно би бил незначителен во споредба со оној што ги убил диносаурусите и го погодил мексиканскиот полуостров Јукатан. Ударот на тој астероид ги збришал диносаурусите од Земјата, но и 75 отсто од целиот живот на планетата.
Астероидот што ги убил диносаурусите бил широк околу 10 до 15 километри и направил кратер широк 180 километри и длабок 20 километри.