Дваесет луѓе со заболени или оштетени рожници доживеале значително подобрување во видот откако научниците им вградиле импланти од свинска кожа, пренесува NBC News. Пациенти од Иран и Индија страдале од кератоконус, состојба во која надворешниот, заштитен дел од окото постепено се истенчува, предизвикувајќи испакнување на окото. Од 20 пациенти, 14 биле целосно слепи пред процедурата, а по две години, сите имале барем делумно вратен вид. Тројца луѓе имале совршен вид две години по операцијата. Вообичаено, човечкото ткиво се користи за трансплантација на рожница, но тешко е да се добие затоа што лицето треба да пополни формулар со кој ќе дозволи рожницата да се донира по смртта, што малкумина го прават. Токму поради ова, тимот на Лагали бараше евтино и достапно решение, кое го пронашле во нуспроизвод на прехранбената индустрија – свинскиот колаген.
„Бевме изненадени од степенот на подобрување на видот“, призна Нил Лагали, професор по експериментална офталмологија на шведски универзитет кој учествуваше во истражувањето. Осум испитаници од Индија постигнале резултат 20/26 на тестот за визуелна острина две години по процедурата, што авторите на студијата го оцениле како „извонредно“. Сепак, не секој имал неверојатно подобрување на видот по процедурата, па 12 Иранци сега имаат вид 20/58 со очила, додека резултатот од 20/40 со леќи се смета за функционален вид. Како и да е, научниците веруваат дека ова откритие ќе биде од корист за 50 до 200 од секои 100.000 луѓе за кои се проценува дека имаат кератоконус.
„Можноста за создавање рожници како оваа е револуционерна“, вели др. Маријан Максаи од Универзитетот во Чикаго, „потенцијално може да го елиминира ризикот од отфрлање на имплантот, а исто така може да ги направи рожниците подостапни за просечниот човек“. Авторите на студијата истакнуваат дека нивните резултати практично се еднакви со резултатите од стандардните трансплантации на рожницата, но нивната процедура е многу поедноставна и поевтина.
После две години, телото на пациентите не ги отфрлило имплантите, а немало знаци на воспаление или лузни. „Општо земено, човечкото тело добро ги поднесува свинските ткива“, вели др. Ури Соиберман од Универзитетот Џон Хопкинс, додавајќи дека отфрлањето на туѓото ткиво обично се случува во рок од една година по операцијата, ако воопшто се случило.
Како воопшто успеале да го направат тоа?
Лагали и неговиот тим раствориле свинско ткиво за да добијат прочистен раствор на колаген. Тој раствор го користеле во хидрогел кој ја имитира човечката рожница. Потоа, хирурзите направија засек во рожницата на пациентот во кој инјектираа хидрогел кој има за цел да ја згусне рожницата за да ја врати нејзината првобитна функција.