КИА има намера да произведе мал електричен градски автомобил кој ќе му биде ривал на моделот Ами на Цитроен.
Ами на Цитроен привлече големо внимание со почетната цена од 6.000 евра во Франција, односно понуда за лизинг која опфаќа 2.641 евра во депозити и само 19,99 евра месечно.
Зборувајќи за Auto Express, извршниот директор на KIA Motors Europe, Емилио Херера рече за идното возило:
„Луѓето сакаат да се чувствуваат безбедно. Нашето истражување направено по коронавирусот во Кина, јасно покажа дека луѓето го менуваат јавниот превоз за приватен. Употребата на приватниот превоз се зголеми од 34 на 65 проценти, а 65 проценти од луѓето во Кина би избрале приватен, а не јавен превоз. Причината е што тие се чувствуваат побезбедни во своите автомобили “.

Тој откри дека КИА ќе произведе мал електричен автомобил за да ја искористи сегашната состојба.
“Ние гледаме вистински потенцијал кај малите електрични возила. Целта е да се произведат целосно електрични возила со пократок дострел, но кои би се користеле само во урбаните области. Заинтересирани сме за автомобили како Ами затоа што веруваме дека тие можат да бидат алтернатива за јавниот превоз, и да понудат трошоци слични на јавниот превоз. Тоа значи дека размислуваме за претплата, модел за изнајмување на неделна или месечна основа “, додаде Херера.