Летото е време кога треба најмногу да внимаваме на дехидратацијата, притоа не заборавајќи и квалитетно да се храниме. Овошјето е идеална храна која истовремено ќе нè рехидрира и ќе нè снабди со хранливи материи, витамии, минерали и растителни влакна кои влијаат позитивно на целиот организам и ја подобруваат дигестијата.
Коe летно овошје е карактеристично за нашето поднебје и каков бенефит имаме од него?
Лубеница. Содржи 92 % вода и само 30 калории во 100 г. Богата е со калиум, магнезиум, калциум, железо и витамини А, Ц, Е, Б1, Б3, Б5, Б6 и Б9. Освен што го снабдува телото со доволно вода, ја подобрува состојбата на кожата и косата, го чува организмот од штетното влијание на слободните радикали, ја намалува телесната тежина, го чува видот, го намалува крвниот притисок, ја превенира астмата, ја подобрува дигестијата. Исто така, ги чува здравјето на бубрезите, мускулите и срцето, ја подобрува сексуалната функција, ја хидрира кожата и го поттикнува растењето на косата.
Диња. Содржи околу 90 % вода и има 34 калории во 100 г. Богата е со калиум, ликопен, бета-каротен, потоа со витамините Ц, А, Б1, Б3, Б5 и Б9. Ги одржува здрави забите, кожата и коските, го подобрува видот и имуниот систм, го намалува крвниот притисок. Ликопенот го превенира оштетувањето на клетките и го намалува ризикот од инфаркт и од некои видови на канцер. Помага во слабеењето, го подобрува имунитетот, ги намалува менструалните грчеви, позитивно влијае на намалување на стресот, ги зацврстува ноктите, го штити срцето.
Праски. Во 100 г праски има околу 31 калорија. Богата е со витамин А, Ц, Е, витамин К, од групата на Б комплекс ги содржи витамините Б1, Б2, Б3, Б5 и Б6. Од минералите богата е со калциум, калиум, магнезиум, железо, манган, цинк и фосфор. Исто така е и одличен извор на растителни влакна. Го одржува здравјето на нервниот систем, коските и забите, го регулира крвниот притисок, го намалува нивото на холестерол во крвта и телесната тежина. Влијае превентивно на невродегенеративните заболувања и го намалува ризикот од канцер. Помага во детоксикација на организмот, ја подобрува дигестијата и ги потрханува клетките.
Јагоди. Имаат 28 калории во 100 г. Обилуваат со витамини Ц, А, Е, К, од групата на Б комплекс богати се со витамините Б2, Б3, Б5, Б6 и Б9, од минералите содржат калциум, железо, калиум, магнезиум, манган, цинк, и бета-каротен и лутеин. Ја подобруваат когнитивната функција, ги штитат бубрезите и срцето намалувајќи го ризикот од дијабетес и кардиоваскуларни заболувања, ги превенираат алергиите и астмата, го подобруваат видот и имуниот систем, помагаат во превенцијата на канцер, го подобруваат квалитетот на кожата и го превенираат предвременото стареење на клетките.
Кајсии. 100 г кајсии имат 52 калории. Содржат витамин А, Ц, К, Б6, калиум, магнезиум и железо. Ја намалуваат констипацијата, ги зајакнуваат коските, го подобруваат метаболизмот, ја намалуваат болката во увото, влијаат позитивно на заболувањата на кожата, го поттикнуваат растењето на косата. Исто така, ја намалуваат анемијата, го подобруваат видот, штитат од канцер и болести поврзани со слободните радикали како што е Алцхајмеровата болест. Го подобруваат квалитетот на крвта и здравјето на срцето. Сокот од кајсии ја регулира телесната температура и може да помогне во случаи на грозница и висока температура.
Цреши. Имаат 39 калории во 100 г . Содржат витамини А, Ц, К и Б6, потоа калиум, лутеин, бета-каротен, антоцијани, мелатонин и фитостероли. Заштитуваат од дијабетес, го подобруваат спиењето, ги намалуваат масните наслаги околу стомакот, штитат од Алцхајмерово заболување, го намалуваат ризикот од мозочен удар, го успоруваат стареењето на кожата, ја намалуваат мускулната болка, помагаат во регулација на крвниот притисок, ги олеснуваат болките и отоците од остеоартритис. Превенираат канцер на дебелото црево, го подобруваат и стимулираат имуниот состем, ја подобруваат функцијата на бубрезите.
Сливи. Во 100 г сливи има 34 калории. Содржат витамин А, Ц, К, Е, Б1, Б2, Б3, Б6, Б9, од минералите богати се со калиум, фосфор, флуор, магнезиум, железо, калциум и цинк. Го одржуваат здравјето на срцето со тоа што го намалуваат нивото на холестерол во крвта, помагаат во намалување на анксиозноста, го подобруваат клеточното здравје, ја подобруваат когницијата. Го засилуваат имуниот систем, го одржуваат балансот на електролитите, го одржуваат здравјето на нервниот систем. Помагаат во третирање на остеопорозата, канцерот и дијабетесот и влијаат на намалување на телесната тежина. Ги одржуваат здрави кожата и очите.