За здрави црева јадете борoвинки

  •  

Одамна е познато дека боровинките имаат силно антиоксидативно дејство, а научниците откриле дека во комбинација со пробиотиците спречуваат разни воспалителни процеси на цревата.

Истражување спроведено на Техничкиот факултет на Универзитетот во Лунд, Шведска, покажало дека растителните влакна од боровинката можат да бидат одлична заштита во борбата против различни воспаленија на цревата, како што е на пример колитисот. Позитивниот ефект е уште поголем ако боровинките се јадат заедно со пробиотици.

Научниците сакале да дознаат дали пробиотиците, кои уште се познати и како добри бактерии, можат навистина да помогнат во спречување на ризикот од добивање улцерозен колитис и колоректален канцер. Тестирале различни видови на исхрана со лушпа од боровинки, овесни и ‘ржени трици, во комбинација со или без мешавина од пробиотски бактерии. Се покажало дека боровинките, инаку богати со полифенолни соединенија кои имаат антиоксидативно дејство, заедно со пробиотиците, ги намалуваат бактериите кои предизвикуваат воспаленија на цревата.

Експертите кои ја воделе студијата, Аса Хакансон и Камила Бренинг, напоменуваат дека пробиотиците заедно со боровинките го зголемуваат нивото на бутрична и пропионска киселина во крвта. Овие киселини се важен извор на енергија за клетките на цревата.

Според Камила Бренинг, објаснување за позитивното дејство на боровинките може да биде дека влакната од боровинките не се разградуваат толку во дебелото црево. “Тоа значи дека супстанциите кои предизвикуваат воспаленија не доаѓаат во контакт со слузницата на цревата, туку наместо тоа, тие се спојуваат со влакната. Потоа, овие супстанции заедно со изметот излегуваат од телото на човекот”, објаснува Бренинг.

Копирањето на содржината е забрането!