Влијанието на порнографијата врз интимните врски

  •  

 

По излегувањето на серијалот филмови “50 нијанси сиво”, ние, како култура, ревидиравме важни прашања поврзани со сексуалноста за кои најчесто не се зборува или не се доволно разјаснети до тој степен да ни помогнат да ги подобриме нашите врски.

Да видиме како порнографијата се одразува врз емоционалната интимност во романтичните врски. Многу жени знаат дека нивните сопрузи скришно гледаат порнографија и заради тоа се чувствуваат изневерено. Мажите, од своја страна, мислат дека е нормално да гледаат порнофилмови и дека тоа не е ништо страшно. Ова е многу важно прашање со кое се засегнати голем број парови.

Тврдењето дека многу мажи редовно гледаат порнографија е точно. Се проценува дека 40 милиони Американци посетуваат порнографски интернет страници на дневна база. Но, во оваа бројка не спаѓаат само мажи. Околу една третина од редовните посетители на вакви сајтови се жени. Меѓутоа, сите што тврдат дека гледањето порнографија не е ништо страшно – не се во право. Гледањето порнографија и тоа како влијае на емотивната врска со партнерот и ја разорува физичката и емоционалната интимност во врската.

Ова се само некои од прашањата кои ги засегаат паровите соочени со овој проблем.

  • Здравите врски се градат на меѓусебна доверба. Да бидеме интимни со некого значи да бидеме ранливи. Довербата е верување дека партнерот ќе ја почитува вашата ранливост и ќе ве почитува вас. Ако вашиот партнер потајно носи комплетно непознати лица во спалната соба која треба да биде ваше приватно интимно царство, таа доверба е нарушена, а тоа е обично пропратено со чувство на сквернавење и повредени чувства. За да се врати изгубената доверба потребно е многу време и труд.
  • Клучот за силна и долготрајна врска е способноста на партнерите да изградат емоционална интимност. Емоционалната интимност – не сексуалната интимност – е она што ѝ дава длабочина и значење на врската. Ако им верувате на порносајтовите или дури и на безмислосните пораки кои ги упатуваат медиумите за значењето на сексот, ќе мислите дека сексот е главниот поврзувачки и носечки елемент во врската. И покрај тоа што овој мит е силен и сеприсутен во нашата култура опседната со секс, не сексуалната, туку емоционалната интимност е она што го прави поединецот да се чувствува сакано, ценето, негувано, почитувано, вредно за грижа и разбирање. Кога емоционалната интимност помеѓу две лица е разбудена и жива, задоволството од нивната сексуална поврзаност е многу поголемо. Тогаш нема потреба надвор од врската да се бараат други типови на сексуална стимулација и забава.
  • Порнографијата создава нереални очекувања од брачниот партнер и од сексуалното однесување. Истражувањата велат дека порнографијата ја слабее посветеноста во бракот затоа што создава целосно погрешна слика за тоа као изгледа нормално човечко тело и какво треба да биде сексуалното однесување. Сексуалната врска треба да биде заемен задоволувачки израз на љубовта која партнерите ја негуваат еден за друг. За разлика од тоа, порнографијата се однесува на самозадоволување и често вклучува доминирање и злоупотреба на другата личност.

Според психолозите, луѓето кои се најсклони кон гледање порнографија доживеале недостаток од љубов во раната возраст. Тие често доаѓаат од семејства во кои љубовта и вниманието биле сиромашни. Сите сме во некои моменти изложени на порнографија, но луѓето со дефицит во љубовта изгледа дека повеќе ги привлекува, како замена за вистинските врски во кои се чувствувале незгрижени и незаштитени. Потребата за љубов, грижа, поддршка и заштита кај нив никогаш не била задоволена.

Ако лицето повторно и повторно се навраќа на порнографијата во потрага по возбуда, тоа може да премине во компулсивно однесување кое со време може да се претвори во зависност. Не се предавајте во борбата да ги исфрлите овие непознати лица од спалната соба и од вашата фантазија, бидејќи од тоа може да зависи вашиот брак.

 

Копирањето на содржината е забрането!