Брановите на настинки и грип не се карактеристични само за есента, туку и за раната пролет кога времето е променливо, или имаме студени утра и топли денови. Заради тоа, не е на одмет да ја повториме користа од некои витамини и минерали со чија помош телото ќе се одбрани или полесно ќе ги преброди вирозите.
Зајакнете го имунитетот со витамини кои ќе ги внесете преку храната или со додатоци на исхраната кои ги има во аптеките.
За правилна работа на имунолошкиот систем неопходни се витамините А, Б6, Ц, Д и Е, и минералите цинк, железо, бакар и селен. Повеќето од нив ги наоѓаме во овошјето, зеленчукот, целите житарки, јаткастите плодови и семињата.
Витамин Ц
На сите ни е познато дека за превенција и ублажување на симптомите на настинка и грип е најдобар витаминот Ц, и тоа во поголеми дози, од 1 до 2 грама дневно. Важно е да се нагласи дека витаминот Ц – како и другите витамини – нема да ве излекува, туку ќе му помогне на телото полесно да се избори против вирозата.
Витаминот Ц делука како антиоксиданс, ги заштитува клетките од оштетувања настани заради делувањето на слободните радикали од воздухот и помага при апсорпцијата на железото. Заради тоа, препаратите од железо се пијат заедно со витамин Ц.
Намирници богати со витамин Ц се: боровинките, шипките, пиперките, портокалите, кивито, јагодите, компирите, зелката. Имајте на ум и дека со термичка обработка на намирниците се губи околу 40 % од витаминот, па затоа е најдобро да ги консумирате во свежа форма.
Витамин Д
Овој витамин е единствениот кој телото може сам да го создаде кога се изложуваме на сонце. Важен е за развојот и здравјето на коските, а она што е важно за имунолошкиот систем е дека помага за апсорпција на калциумот и фосфорот, директно влијае на имунитетот, на работата на жлездите со внатрешно лачење, на кожата итн. Научниците тврдат дека на повеќето луѓе од декември до јуни им недостасува витамин Д токму заради премалку престојување на сонце и во природа, а не го внесуваат доволно преку храната.
Витаминот Д може да се најде во следните намирници: млекото, путерот, житарките, жолчката од јајце, црниот дроб.
Витамин Б6
Важен е во процесот на создавање на антитела и на еритроцити, кои се многу важни во одбраната на телото од вируси и бактерии, и во одржување на нивото на железо во крвта. Витаминот Б6 го има во пченичните никулци, лососот, кикириките, оревите, житарките.
Витамин Е
Истражувањата покажуваат дека витаминот Е може да ја подобри функцијата на имунолошкиот систем, го заштитува организмот од загадениот воздух, ја ублажува силната главоболка, помага во оздравување на лузните. Природни извори на витамин Е се билните масла, оревите, јајцата, месото, квасецот, јачменот, семките од сончоглед, бадемите.
Витамин А
Се наоѓа во жолтото и портокаловото овошје и зеленчук, меѓу кои најпознат е веројатно морковот, како и во темнозелениот зеленчук како што е кељот, спанаќот, блитвата, и во млечните производи. Овој витамин е многу важен за слузницата на грлото, носот, дишниот систем и системот за варење, што го објаснува неговото исклучително значење за борбата против настинките и грипот.
Цинк, бакар, железо и селен
Ова се минерали кои му се потребни на организмот за да се одбрани од болести. Недостатокот од железо може да биде многу опасен заради недостатокот од кислород во телото и во мозокот, но во контекстот за кој пишуваме, недостатокот на железо влијае на имунитетот. Главни природни извори на железо се месото, јајцата, лиснатиот зеленчук и легуминозите (грав, леќа, боранија).
Селенот заедно со витаминот Е е силна поддршка на имунитетот, а се наоѓа во рибата, лукот, бразилските ореви, пилешките гради, јајцата, туната, семките од сончоглед, црниот дроб.
Ако на организмот му недостасува цинк, често ќе настинувате, ќе имате осетливи црева, потешко ќе ви зараснуваат раните и повредите и ќе ви се намалат осетите за вкус и за мирис. Најголем природен извор на цинк се школките, а по нив следуваат јаткастите плодови, грашакот, житарките, печурките, жолчката од јајце, црвеното месо.
Бакарот игра важна улога во искористувањето на железото и создавањето на хемоглобинот, во производството на хормоните на штитната жлезда и за урамнотежено ниво на холестерол во крвта. Според некои истражувања, бакарот придонесува и во природната заштита на организмот од рак. Намирници богати со бакар се шампињоните, семките од тиква и од сончоглед, телешкиот црн дроб, патлиџанот, леќата, целите житарки, компирот, пиперката.