Вистината за Лајка, првото куче во вселената

  •  

Педесеттите години на минатиот век беа период кога двете велесили СССР и САД, забрзано се натпреваруваа кој ќе направи нешто прв.
На 3 ноември 1957 година Русите го лансираа Спутник 2, првото летало со живо суштество. Спутник 2 полета со кучето Лајка, кое трагично загина истиот ден.
Месец дена откако во орбитата е лансиран вештачкиот сателит Спутник 1, водството на СССР дава наредба дека треба под итно да се направи некаков спектакл поврзан со напредокот во вселената. Решено е да се лансира Спутник 2 со жив патник во него.
Покрај Лајка, за мисијата се земени уште три други кучиња, но заради питомиот темперамент на Лајка се решаваат за неа.
Уште на самиот почеток се знаело дека оваа мисија ќе заврши со смртен исход за Лајка, поради неможноста да ја приземјат. Единствено се тврдеше дека таа нема да страда, туку ќе има мирна смрт. Тоа е лагата која со децении е чувана во тајност.
Спутник 2 е лансиран и набрзо влегува во орбитата која му е зададена. При патувањето на ракетата доаѓа до кршење на дел од термалната изолација и поради тоа температурата во капсулата се зголемува на 40 степени. Сензорите што биле поставени на кучето покажале дека во тој момент пулсот и бил три пати поголем од нормалниот, и имале големи проблеми да ѝ го стабилизираат. Неколку часа од лансирањето на Спутник 2, сензорите на Лајка повеќе не покажувале знаци на живот.
Ова е тајната која се чувала сè до 2002 година, кога Димитриј Малашенков, еден од научниците што работеле на проектот, не решил да ја каже вистината за Лајка. Вистината дека Лајка била жртвувана за да се добијат податоци за тоа какво би било влијанието на патувањето во вселената врз луѓето, и за тоа дека Лајка не умрела после неколку дена без мака, туку од стрес и висока температура.
Спутник 2, заедно со телото на Лајка согорел при влегување во атмосферата после 5 месеци откако 2570 пати ја обиколил Земјата.

Копирањето на содржината е забрането!