Во резултатите добиени од истражувањето на универзитетите во Лондон и Хертфордшир, а објавени во магазинот “Psychological Science” се наведува дека пушачите кои не мислат на цигари на почетокот го намалуваат бројот на испушени цигари, но ефектот не е долгорочен.
Психологот Џејмс Ерскин, еден од авторите на студијата, вели дека обидот да го намалиме пушењето со тоа што нема да мислиме на нив, всушност, активира нивно подоцнежно поголемо консумирање.
Ерскин и неговиот тим веќе го истражувале влијанието на мислите врз јадењето и докажале дека луѓето што се обидуваат да не мислат на јадење на чоколадо, всушност, јадат поголема количина од нормално.
Во истражувањето на Ерскин учествувале 85 пушачи во период од три недели, кои пушеле најмалку 10 цигари дневно. Биле поделени во три групи и на сите три групи им било речено да се однесуваат нормално во однос на пушењето во текот на првата и третата недела од истражувањето. Во периодот од втората недела на една од групите ѝ било речено да ги потиснува мислите за цигарите, на втората група ѝ рекле активно да ги изразува мислите за цигарите и пушењето, а третата група била контролна и ништо не менувала.
Резултатите покажале дека пушачите од групата што ги потиснувала мислите, во текот на првата и втората недела пушела речиси пет цигари помалку од групата која активно мислела на пушењето и скоро четири цигари помалку од контролната група.
Но, во третата недела, кога престанале да ги потиснуваат мислите, првата група почнала да пуши шест цигари повеќе од останатите две групи. Резултатите покажуваат дека е сосема погрешен методот на потиснување на мислите за да се откажете од пушењето, затоа што постојаното блокирање на овие мисли во реалниот живот е многу тешко и кога тогаш ќе доведе до бумеранг ефект.